Бизнис
27. December 2018 - 15:07

Израелската компанија „Даган“ заинтересирана за инвестирање во Македонија

Израелската компанија „Даган“, специјализирана за земјоделски проекти и еден од водечките провајдери на иновативна технологија во земјоделската дејност со над триесетгодишно искуство, е заинтересирана за инвестирање во Македонија.

Како што образложија претставниците на компанијата на денешната средба со министерот за привлекување странски инвестиции Бардул Даути, „Даган“ првично би вложила  30 милиони евра со што би обезбедила најмалку 100 нови работни места.

-Претставниците ги изложија своите интереси за вложување во областите на автоматизација на земјоделството, особено во областа на пластеници, расадници, т.н зелени куќи, тунели и отворени полиња. Тие ги запознаа владините претставници со системите за третман на води и системите за наводнување под притисок, информира владината прес-служба.

Министерот Даути ги презентираше можностите што ги нуди Македонија за потенцијалните инвеститори и ги запозна гостите со Планот за економски раст. Потенцира дека за инвеститорите е обезбедена правна сигурност, стимулирање и поддршка на странските и домашни компании на транспарентен и недискриминирачки начин што го опфаќа и аспектот на понудата на државното земјиште наменето за инвестиции, можноста за користење на ИПАРД фондовите, како и субвенциите обезбедени од Буџетот на Република Македонија.

Претставниците на израелската компанија изразија подготвеност за повторна посета на земјава за прецизирање и интензивирање на соработката.