Свет
3. November 2015 - 9:39

Израелската армија затвори палестинска радио-станица

Израелската армија соопшти денеска дека затворила палестинска радио-станица во Хеброн на Западниот брег со обвинувања дека поттикнувала напади со нож кои зачестија во реонот, и дека ширела лажни информации со цел – поттикнување насилства.

- Армијата ги конфискуваше материјалите подготвени за емитување за да се спречи кампањата што предизвикува бран насилства во регионот во изминатите недели, соопшти армиски портпарол.

Според обвиненијата радио-станицата Ал Хурија, тврди дека израелските сили егзекутираат и киднапираат Палестинци и целта на медиумот е провоцирање насилство.

Радио-станицата е формирана во 2002 година во Појасот Газа од Фатах. Откако исламистите презедоа контрола над Газа во 2007 година, медиумот се префрли во Хеброн.