Македонија
3. December 2018 - 13:29

Израелската амбасада донираше 48 специјални инвалидски колички за деца за повеќе ЈЗУ

 Четириесет и осум специјални инвалидски колички за деца за повеќе јавни здравствени установи донираше денеска Амбасадата на Израел. Пет колички доби Клиниката за детски болести, која денеска ја посетија министерот за здравство Венко Филипче и израелскиот амбасадор Дан Оријан.

Дел од специјалните инвалидски колички ќе добијат и Детска хирургија, клиничките болници во Битола и Штип, општата болница во Прилеп, Заводот за рехабилитација-Скопје, но и други здравствени установи.

– Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележуваме со еден убав гест од израелската Амбасада. Тоа е донација на специјални колички за деца со физички хендикеп што се специјално димензионирани и дизајнирани да бидат лесни за употреба и да можат да се практични посебно за движење низ болничките установи. Направивме прераспределба на специјалните инвалидски колички во институции низ државата, каде се лекуваат деца и каде сметаме дека со нив значајно ќе се подобри функционирањето и пристапот, а ние ќе работиме  на отстранување на бариерите таму каде се регистрирани, изјави Филипче.

 

Тој го најави потпишувањето на договорот за соработка меѓу Министерството за здравство, Амбасадата на Израел и израелската компанија која ќе работи на обука на медицински сестри и доктори за тренинг во областа на Итната медицинска помош. Со тоа, посочи, воведуваме на некој начин модул за парамедикс, кој ќе биде достапен во службите за Итна медицинска помош, но и во ургентните центри во сите регионални болници и во Клиничкиот центар во Скопје.

– Договорот ќе биде потпишан идната недела, а го инициравме за време на посетата на Тел Авив каде ни беа презентирани можностите и капацитетите со кои функционираат израелските здравствени институции кои се на едно завидно ниво, додаде Филипче.

Израелскиот амбасадор, Дан Оријан рече дека соработката меѓу Македонија и Израел се зацврстува и дека целта им е во рамки на одбележувањето на Ханука, еврејски празник на светлината, да донесат светлина.

– Сигурен сум дека соработката во здраствениот сектор ќе се зголемува многу брзо. Има работи што ние можеме да ги научиме од вас, но има работи кои вие може да ги научите од нас. Сакаме да внесеме израелска инспирација и да ја искомбинираме со работите кои се потребни тука, во партнерството што сакаме да го развиеме и здравството кое е многу важен сектор. Заедно можеме да постигнеме извонредни нешта, додаде Оријан.

Директорката на Универзитетската клиника за детски болести, Катерина Ставриќ рече дека одлучиле една количка да подарат на семејство од социјално ранлива група, кое има деветгодишно дете со церебрална парализа.

– Со овие колички низ одделите ќе им се олесни на родителите со деца со хендикеп, да можат да бидат полесно подвижни низ болничките соби и ходниците. Доколку има потреба ќе донираме колички на социјално загрозени семејства, додаде Ставриќ.