Свет
19. December 2017 - 9:54

Израел нема да контактира со националистичките министри во австриската Влада

Израелската Влада информираше дека ќе ги бојкотира министрите од новиот австриски владин Кабинет, кои доаѓаат од редовите на националистичката Партија на слободата на Австрија (ФПО).

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека тој ќе комуницира директно со новиот австриски премиер Себастијан Курц, но дека Израел нема да има комуникација со министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана и другите тројца министри кои доаѓаат од редовите на ФПО.

Причината за ова е националистичкиот карактер на ФПО, која е основана во 50-те годни на минатиот век, од поранешни нацисти и за која Израел смета дека го минимизира Холокаустот на Евреите.

Во 2000 година, кога ФПО беше дел од владејачката коалиција, Израел исто така ја бојкотираше австриската Влада, особено по изјавата на тогашниот лидер на партијата Јерг Хајдер дека нацистичка Германија имала добри економски политики.

И членките на Европската унија воведоа политички санкции кон Австрија додека ФПО на Хајдер беше дел од Владата.