Свет
28. February 2017 - 13:41

Израел денеска ја почна евакуацијата на девет доселенички домови од палестинска територија

Израелските сили денеска ја почнаа евакуацијата на девет семејни куќи во населбата Офра, на Западниот брег, во согласност со одлуката на Врховниот суд која наведува дека тие биле изградени на приватен палестински имот, пренесуваат американските медиуми.

Десетина доселеници  и нивните семејства протестираа на покривите од куќите, додека војската и полицијата на нивните лидери им ги предаваа налозите за иселување, молејќи ги да соработуваат и да избегнуваат судири.

Бригадниот генерал Јорам Софер ги молеше доселениците да се однесуваат според моралните стандарди, да им помогнат и да не прибегнуваат кон насилство.

Еден од жителите на посочените куќи го искина налогот за иселување, додека останатите, главно млади луѓе, беа однесени од безбедносните сили кои ја имаа задачата да го расчистат подрачјето.

Во акцијата немаше поголеми инциденти.

Претходно овој месец, Израелските сили ја отстранија населбата Амона, по сличен судски налог. Населбата Амона беше едно од околу 100 неовластени населби изградени на Западниот брег без официјална одлука, но со премолчена поддршка на израелската Влада. На тоа место во 2006 година избија насилни судири во текот на делимичното уривање на куќите.

Ваквите евакуации создадоа тензии во коалицијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која е поделена меѓу мислењата дека доселениците треба да се поддржат и одлуката на Врховниот суд.

Палестинците и мнозинството од меѓународната заедница сметаат дека населбите се нелегални и ги гледаат како пречка кон создавање на палестинска држава.

Палестинската управа за себе ги сака Западниот брег, Појасот Газа и источен Ерусалим, сите територии кои Израел ги освои со војната од 1967 година.