Македонија
17. May 2016 - 9:16

Изминатите 24 часа седум сообраќајки во Скопје и седум повредени

Седум сообраќајни незгоди, од кои четири со последица материјална штета и три со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле седум лица се случиле во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на СВР Скопје.

Како што информира за МИА Сашо Дамјановски главен инспектор од СВР - Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број на прекршоци. 

Дванаесет возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, пет возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, двајца возачи поминале на црвено светло на семафор и шест возачи за време на управување на возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон. Затекнати се и 10 лица со необновена регистрација на возилото, двајца пешаци сториле прекршоци по разни основи и 17 возила непрописно паркирани.

Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 32 возила.

Во делот на превентивните активности денеска ќе се одржат едукативни работилници во автобус на ЈСП со учениците од трето одделение во „Јан Амос Коменски“ и едукативна работилница со учениците од второ одделение во ОУ „Крсте Мисирков“, општина Гази Баба.