Македонија
11. February 2016 - 9:03

Изминатите 24 часа девет сообраќајки во Скопје

Сообраќајната полиција во текот на изминатиот ден на подрачјето на Град Скопје извршла увид на девет сообраќајни незгоди.

Од нив, пет се со последица материјална штета и четири се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило и еден пешак.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 28 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзина на движење. Санкционирани се и 10 возачи кои поминале на црвено светло на семафор, односно не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, девет возачи не ги почитувале правилата за првенство на минување на возилата во зона на крстосница, седум возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, како и 12 возачи за време на управување со возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон.

Со помош на специјалното возило „пајак“ вчера од страна на сообраќајната полиција отстранети се 72 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај ќе одржи сообраќајна поука со почеток во 19 часот во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, не го користеле сигурносниот појас, односно го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, како и возачи кои непрописно се престроиле пред крстосница.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје денеска ќе одржи едукативни предавања во ОУ „Димо Хаџи Димов“ кое се наоѓа на територијата на општина Карпош со учениците од второ одделение.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.