Бизнис
29. October 2015 - 14:39

Изминатата туристичка сезона успешна за ХОТАМ

Изминатата туристичка сезона беше успешна, а бројот на туристи поголем од лани, оцени претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески, кој очекува исполнување на охридско-струшката ривиера и за новогодишните празници.

- Летната туристичка сезона 2015 година ја поминавме со очекуван број гости, го надминавме бројот на ноќевања од лани и покрај неколкуте неприлики. Почнавме да правиме подготовки за новата сезона, а почнаа да сепродаваат и аранжмани за новогодишните празници. Сметаме дека Охрид и Струга ќе бидат добро исполнети за новогодишните празници, вели Блажески.

И оваа година, според првиот човек на ХОТАМ, најбројни биле гостите од Турција, Холандија, Србија, Албанија и Косово. Заклучно со август, земјава ја посетиле околу 350.000 странски туристи со тенденција  за зголемување на бројката до крајот на годината.

- Годинава достигнавме број од околу 350.000 гости заклучно до август. Очекуваме над 400.000 до крајот на годината. Како број на гости на прво место се турците, а по број на ноќевања холанѓаните,  кои имаат претстој од 7 дена. Турските туристи доаѓаат на кружни тури и помнинуваат два до три дена во Македонија.  Гости од Србија имаше околу 30.000, од Грција и Холандија имаше по 25.000 гости, потоа доаѓаат Бугарија, Полска, Албанија, Германија, Хрватска и Косово, информира Блажески.

Зголемен е интересот за Македонија и во кружните тури, а најмногу посетители има од Кина, Јужна Кореја и Јапонија.

- Имаме доста кружни тури, кои се зголемени за разлика од минатите години, а интересот е голем и за наредните години од Кина, Јужна Кореја и Јапонија, кои се се поприсутни на охридско-струшкото крајбрежје, но и низ цела Македонија. Балканот станува интересна дестинција за тој пазар и за наредните години очекуваме голем пораст, рече претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.