Бизнис
2. August 2015 - 17:09

Измените во законот за прекршоци ќе ја зголемат ликвидноста

До седумпати помали парични казни за малите компании и до три пати за најголемите.  Од овој месец стопанството ќе плаќа значително пониски глоби за прекршоци во работењето – владин проект за чие спроведување беа изменети околу 20 закони.

Казните сега се пресметуваат зависно од приходите на компанијата, бројот на вработените и дали има претходни прекршоци. Се работи за едно од главните барања на бизнис заедницата кое треба да ги подобри деловниот амбиент и ликвидноста.

Новата политика во оваа сфера има цел да опомене, наместо економски да ги оптвари компаниите, па така казните драстично се намалуваат, особено за малите и средни претпријатија.

На пример, глобата за неуплатен персонален данок на доход која досега беше 3000 евра, за правно лице или трговец поединец со приход до 500 илјади денари и до 9 вработени, без претходни прекршоци, се намалува на 450 евра.

За фирми со приход од 500 илјади до 1 милион денари и до 9 вработени,  глобата ќе изнесува  750 евра.

За фирми со приход од 1 до 3 милион денари и до 9 вработени, глобата ќе биде 1050 евра.

За компанија со приход од 3 до 6 милион денари, глобата од 3000 евра се намалува на 1350 евра.

Глобата за неподнесување образец за годишен данок на приход од 2000 евра за фирми до 9 вработени, се намалува на износи кои се движат од 900, па се до 300 евра, во зависност од економската моќ на претрпијатието.

Казната за неплаќање данок на вкупен приход во пропишаниот рок, од 3000 евра, зависно од големината на приходите на компанијата, се намалува на 1350 евра, па се до 450 евра.