Македонија
18. February 2022 - 16:32

Измените на законот за инспекциски надзор во животната средина идната недела во собраниска процедура

Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина следната недела ќе се најде пред пратениците - ова го потврди претседателот на собраниската Комисијата за европски прашања Арбер Адеми. Освен предлог-амандманите на дел од пратениците, на маса ќе се најдат и предлозите на граѓанските здруженија кои инсистираат на подобар инспекциски надзор. Адеми вели дека прво треба да ги разгледаат овие предлози за да одлучат што ќе прифатат.  

Покрај амандманите, граѓанските здруженија бараат и присуство на експерти на јавните расправи, за да ги образложат предлозите. За Адеми и за пратенциите ваквата идеја е добредојдена.

Граѓанските здруженија кои се надеваат дека пратениците нема да останат глуви на нивните предлози, а со цел да се заштити животната средина, бараат достапност на инспекторите за викенди и вон работното време, надзор на Државниот инспекторат за животна средина врз локалните инспектори, координација меѓу инспекторите на државно и локално ниво како и поголема транспарентност.