Македонија
17. March 2019 - 16:24

Измамени пензионери - останале и без пари и без огревно дрво

Пензионерите повторно на мета на измамници со огревни дрвја. Во два дена на идентичен начин се измамени пензионери во Штип и Кочани.

Во првиот случај, измамникот дошол во домот на 68 годишен штипјанец и му понудил дрва за огрев по намалена цена, за кои тврдел дека поседува документација дека не се бесправно сечени, но дека камионот не му е паркиран на друго место. Откако заминале да ги видат дрвата, измамникот му  рекол да почека и дека тој ќе дојде со камионот.

-Во меѓувреме, лицето отишло во неговиот дом и од неговата сопруга побарало 11, 000 денари за дрвата и дека тој ќе дојде со камионот. Таа му дала 11, 000 денари, по што лицето заминало-изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Откако брачниот пар увиделе дека се измамени, случајот го пријавиле во полиција. Многу слично бил измамен и 74 годишен кочанчанец, само што од неговата сопруга биле побарани 9, 000.00 денари.

-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на измами, како купување на предмети кои вредат ефтини пари- додаде Панајотова

Покрај со ефтини огревни дрва, статистиката на СВР-Штип бележи чести измами на повозрасни граѓани со продажба на лажен златен накит.