Македонија
6. November 2015 - 15:50

Изложба „Скутините од Тиквешијата" во Кавадарци

Триесет автентични бовчи или скуталиња кои биле секојдневие од минатото на Тиквешијата, од денеска се изложени во Музеј галеријата во Кавадарци. Тие го отсликуваат етничкиот предел Тиквеш и етничкиот подпредел Горно Мариово.

Директорот на музејот Петре Камчевски нагласи дека е ова убава можност да се видат овие сведоци од минатото. 

- Во составот на народните носии, ткаената волнена скутина задржана во својата животна функција речиси до ден денес, има јасно определена практична намена, но истовремено преку колористички и ликовни содржини се јавува и како изразито декоративен елемент, рече Томе Крстевски, еден од авторите. 

Тој кажа дека скутините се одликуваат со специфични стилски белези, изразени преку материјал, форма, техника на ткаење, колорит и украсување. Тие имаат впечатливи форми на геометриски мотиви, како и додатни декорации од рески, метални украси. Посебно место има невестинската скутина, која се разликува по својата специфична форма и по своите украси. Доминантни бои од кои се изработени скутините се црвена, црна, зелена, бела и други. Нагласи дека тие се основен белег на едно поднебје, за чување и презентација на етнолошкото културно, материјално и духовно наследство. Затоа, како што додава, треба да бидат наша примарна грижа. 

Кети Ванчева, исто така автор, објасни дека народните носии во Тиквешијата имаат многувековна традиција, тие се создавани како колективна придобивка на сиот македонски народ. Имале свој развоен пат и се пренесувале од поколение на поколение. Ракотворната дејност била присутна во сите фази од процесот на обликување на народните носии, посебно изразена кај орнаментираните ткаенини. Тие се, вели, застапени во бројни варијанти, со најразличен декоративно – орнаментален третман и ликовно – естетски ефект. 

- При изработката и обликувањето на бовчите главното место го имала жената – селанка, бидејќи целокупната активност ја имала таа. Почнувајќи од предавањето на суровините, бојосувањето на преѓата, изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето до украсувањето и китењето. Волната, конопот, ленот, памукот, во помала мера и свилата, обработувани на стар традиционален начин, се основните суровини кои имале голема примена за изработка на скуталињата, нагласи Ванчева. 

Бовчите во правоаголна форма, дел од нив обликувани од една дипла или обликувани од две хоризонтални или вертикално соединети дипли, најчесто орнаментирани со вткаена орнаментална декорација уште при самиот процес на ткаењето, сами по себе претставуваат посебни декоративни изработки со впечатлива убавина.

Изложбата „Скутините од Тиквешијата” е дел од манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2015”. Автори се Ванчева и Крстевски, а настанот е со поддршка на Министерството за култура и Локалната самоуправа.