Живот
21. September 2017 - 22:02

Изложба по повод 100-годишнината од Октомвриската револуција

Во рускиот музеј Ермитаж на 25 октомври повторно ќе профункционира часовникот кој застана во точно 2:10 часот ноќта на 26 октомври 1917, при апсењето на тогашната Привремена влада.

- На 25 октомври ќе го навиеме часовникот кој стои во трпезаријата, кој застанал во моментот кога е уапсена Привремената влада. Во Ермитаж работат сите часовници, освен тој, изјави директорот на музејот, Михаил Пјотровски.

Изложбата под наслов „Зимскиот дворец и Ермитаж, 1917: овде се создаваше историја" опфаќа околу 300 експонати од збирката на музејот и Државниот архив. 

- По повод 100-годишнината од Октомвриската револуција, на 25 октомври отвораме изложба. Таа ќе биде посветена на она што се случувало во Зимскиот дворец. Веќе одржавме помала изложба за случувањата во 1917 година, а сето тоа ќе се спои со оваа голема изложба и ќе говори за се, освен за походот, објасни Пјотровски.

Изложбата ќе говори за судбината на рускиот цар Николај Втори и царското семејство, за нивните последни денови и за првата Руска револуција од 1905 година.