Македонија
9. March 2017 - 15:25

Изложба на скулпторот Васил Василев - Остенов уметник на 2016 година

Галеријата „Остен“ денеска отвори изложба на скулпторот, проф. Васил Василев, по повод наградата Уметник на годината  која  Остен му ја додели за  2016 година. 

Претставени се објекти и скулптури (три понови скулптури и две постари) направени во континуитет.  Бше промовирана и неговата графичка мапа „Асоцијативни форми" која содржи десет цртежи. Еден од најзначајните современи македонски скулптори најчесто работи со дрво кое е природен и отпорен материјал. 

- Дрвото е гломазен материјал кој бара многу време на работа, снага да се обработи. Дрвото го наоѓам надвор и е онакво какво што го создала природата, па му се дава форма. Две третини од него отпаѓаат, значи потребна е физичка работа. Секако, во целиот процес е присутна емоцијата, и тоа не само кај скулптурите, изјави Василев, кој е професор по вајарство на Факултетот за ликовна уметност. 

Според него, има интерес за студии за овој вид уметност, но дека во однос на изборот на материјали за обработка, класичната уметност се губи и се заменува со модерни и полесни материјали.

- Во нашите вајарски класи некогаш се случуваше да имам преку десет студенти, а еднаш се случи да имам дури и десет студенти - девојки, без ниедно машко, иако се работи за програма која бара да се длаби  камен, да се обработува дрво, пластични материјали итн.. Во однос на материјалот, уметноста денеска  не е веќе класична, таа, за жал, се губи за сметка на модерната уметност  и сега  повеќе се оди на полесни материјали - памук, сено, жица, јаже...додаде Василев.

Галеријата „Остен“, која оваа изложба ја организира во рамки на оф-програмата на Остен Биеналето на цртеж, во најавата истакна дека Василев е важен соработник на Остен, добитник на наградата ИМАФ (Интернационална фондација за музика и уметност) на Остен Биенале на цртеж Скопје 2016 и е прогласен за Остенов уметник за 2016. 

Васил Василев (Скопје, 1938), студирал на академиите за ликовни уметности во Љубљана и во Белград, каде што и дипломирал. Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) членува од 1966 година. Имал студиски престои во Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД и во други земји.