Македонија
10. January 2016 - 8:53

Изложба на пастели од Славко Упевче во Вевчани

Изложба на пастели од академскиот сликар Славко Упевче од Охрид ќе биде отворена утре напладне во Општина Вевчани.

Изложбата се органзира во рамки на културната програма на годинашното издание на Вевчанскиот карневал, кој се одржува под покровителство на Министерството за култура.

Карневалот свечено ќе биде отворен на 13 јануари со дефилето на маски, На полноќ ќе има петминутен огномет со кој ќе се означи доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар. Последниот ден на 14 јануари утрината е традиционалното одење на вода на Вевчанските извори, а манифестацијата завршува на пладне со василичарското оро и палењето на маските. Во текот на четирите фестивалски дена Карневалот ќе понуди и богата музичка програма. 

Вевчанскиот карневал е спој на паганството и христијанството и има традиција од над 1.400 години. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот календар. Паганскиот дел, маскирањето и палењето на маските, пак, се за да се заштитат од лошите духови.  Се смета за една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во Македонија. Од 1993 година Вевчанскиот карневал и Вевчани се членови на ФЕЦЦ - Асоцијација на светските карневалски градови.