Македонија
29. November 2016 - 21:05

Изложба на Омер Калеши ќе биде отворена на 1 декември во Чифте Амам

Постојаната поставка на светски познатиот сликар по потекло од Македонија Омер Калеши ќе биде отворена на 1 декември во 12 часот во просториите на Чифте Амам.

Изложбата на овој еминентен уметник од Македонија, кој живее и твори во Франција, се состои од 24 сликарски композиции.

Ова денеска на прес-конференција го истакна државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби, кој рече дека иницијативата за основање постојана поставка со делата на овој колосален сликарски уметник потекнува уште од септември 2014 година, кога и сликарот го посетил Министерството за култура, заедно со неговиот пријател амбасадорот Јордан Плевнеш, и изразил желба да подари на неговата татковина неколку дела од неговиот голем творечки опус.

Оттогаш, посочи, работевме сите за да го реализираме овој значаен проект. Шехаби нагласи дека по изложбата, дел од сликите ќе бидат во постојана поставка која ќе може да се проследи во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.

- Омер Калеши е одликуван од претседателот на државата со орденот за заслуги заради неговото афирмирање на Република Македонија во светот. Исто така, тој е прогласен за почесен граѓанин на општина Чаир, чиј Совет донесе одлука за прифакање на донацијата, рече Шехаби.

Потенцира дека Скопје ќе биде вториот град, по Приштина, каде уметникот ќе има постојана поставка.

- Истите овие слики кои ќе ги гледате во Скопје беа изложени во Виена, Австрија, со финансиска поддршка од Министерството за култура, додаде државниот секретар при Министерството за култура, Шехаби.

На прес-конференцијата присуствуваше и Омер Калеши, како и директорите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и на Уметничка галерија на Македонија, Скендер Хасани и Дита Старова-Керими, и претседателот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеши.