Македонија
4. February 2016 - 15:26

Изложба на ликовни дела изработени од лица со телесен инвалидитет

Лицата со телесен инвалидитет се способни да творат и можат невозможното да го претворат во возможно, рече претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност Македонија“ Бранимир Јовановски на отворањето на изложба на ликовни дела изработени од академски сликари и талентирани лица со телесен инвалидитет во „Порта Македонија“.

Јовановски истакна дека еден од начините за исполнување на квалитетите и можностите на лицата со телесен инвалидитет е уметноста, без оглед на тоа дали таа е преточена преку сликарски дела, поетски творби или преку музички средби. 

- Ние даваме можност на лицата со телесен инвалидитет да творат заедно со академските уметници за да можат да учат едни од други. Ние правиме едно ново ниво на односи и зајакнување на јавната свест во општеството за можностите на лицата со телесен инвалидитет, рече Јовановски.

Изложените ликовни дела се изработени за време на VI-та Меѓународна ликовна колонија  во Охрид во организација на „Мобилност Македонија“, на која учествуваа 17 сликари. Според Јовановски, оваа колонија е единствена од овој вид во Македонија и покажува дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и хендикеп, како и дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се многу поважни од предрасудите дека техничката изведба е најважна. 

Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија денеска ги објави и победниците на XXI-от по ред Конкурс за избор на најдобра литературна творба на членовите на „Мобилност Македонија“. Прворангирана творба е „Еликсир на виножитата“ на Билјана Тодоровска од Битола, второрангирана е „Недоразбирање“ на Јасмина Стојановска од Скопје, а треторангирана е поетската творба „На мојата најмила“ на Кире Иваноски од Прилеп.