Македонија
20. April 2019 - 19:38

Изложба на изворни македонски шарпланинци во Крушево

По 5-ти пат во Крушево на Гумење се одржа спезијализираната ревија на изворни македонски шарпланинци, на која учествуваа 30-тина кучиња од овој вид од повеќе градови. Организатор и покровител на настанот е меѓународната фондација „Тоше Проески“. Одгледувачите на овие миленици се особено горди на нив бидејќи ги сметаат за чиста раса, која била поубава и поинтелегентна од урбаните шарпланинци.

„Во Крушево и крушевско има доста, се трудиме да ја задржиме расата чииста како што е, да не биди мелез, да не се пари со други врсти“, истакна Ташули Стојчески, одгледувач на стари автохтони македонски шарпланинци.

„Старата раса што велиме ние шарпланинци наши, доследно ја следиме традицијата, ги чуваме и размножуваме“, кажа Ѓоко Стојкоски, одгледувач на стари автохтони македонски шарпланинци.

Одгледувачите признаваат дека шарпланинецот како раса го делат сите околни држави кои гравитираат околу Шар планина, но овие кучиња биле исклучиво македонски, кои се користат за чување на стоката и биле доста силни и паметни.

„Имаме шарпланинци со мечкина глава, тркалезна, тие се најбарани и најубави. Со молосоидна глава, со лупоидна глава кои не се многу убави со шилеста уста и со волчја глава, кои се доста ретки“, изјави Драган Ристески, одгледувач на стари автохтони македонски шарпланинци.

Кинолозите бараат овие кучиња да се заведат како посебна чиста македонска раса бидејќи ја нема на ниту едно друго место.

„Ние имаме свои идентификациони сознанија, дури и имиња, но тоа е неофицијално верифицирано. Тоа е наше богатство, треба да си гии класифицираме, но за жал нашатта кинологија досега тоа не го сторила“, вели Тони Шмит, кинолог и одгледувач на стари автохтони македонски шарпланинци.

На изложбата покрај кучињата имаше и расни коњи. Во Крушево во моментов биле останати уште 40-тина коњи, а дел од одгледувачите сакаат овие животни да ги искористат во туристички цели.

„Планираме за туризам, за јавање на коњите до крстот да одат од тука од Крушево, па ќе видиме како ќе биде“, истакна Борче Крстески, одгледувач на коњи.

Организаторите се надеваат овие настани уште повеќе ќе го популаризираат изворниот македонски шарпланинец како посебна раса.