Македонија
7. February 2017 - 10:15

Изложба на иновативни текстилни производи во „Јавна соба“

Продажна изложба на македонски пионерски брендови „Вкусот на текстилот“ вечер ќе се одржи во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во 20 часот. Влезот е слободен.

Станува збор за млади креативци од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје кои работеле три месеци на развој и производство на иновативни призводи од текстил.

- Производите се целосен пазарен новитет од аспект на функционалност. Секој производ има две и повеќе функции, прилагоден е на урбаните очекувања и можности, лесен е за производство во соработка со локални производители што на некој начин обезбедува опстанок на овие пионерски брендови и е гаранција за нивен понатамошен развој, соопшти организаторот „Јавна соба“. 

Посетителите ќе имаат можност да видат 10 изработени производи во мини серии кои се резулатат на петдневната работилница за време на „Skopje Design Week 2016“ и пост продукциски процес од три месеци. Ќе бидат изложени престилки за готвење кои можат да бидат кабаници за дожд или торби за пазарење, ракавици за чистење прашина и футрола - држач на мобилен, торба и фустан за на плажа...

Според организаторот, во Македонија има доволно уметници, но недостигаат дизајнери и образование кое пазарно ќе ги насочи уште од самиот старт. Не станува збор за колични на роба, туку за мини серии, две до три исти парчиња на текстил за да се прикажат сите функции, но и јасно да се искомуницира вредноста на производите.

- Во сите производи се гледа балканска итрината и досетливост од страна на младите креативци кои евидентно одлично ги владеат материјалите, што е реткост за овие простори, соопшти „Јавна соба“. 

Проектот е поддржан од Холандската амбасада, дизајн центарот „Јавна соба“ и Институтот за дизајн и инжинеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет – Скопје. 

Дизајн центарот „Јавна соба“ веќе има воспоставена пракса и методологија за реализација на научно-практични работилници каде производите финално завршуваат на пазарот. Како резултат на долгогодишна работа и серии на спроведени работилници, како што се наведува, видно е унапреден дизајн секторот во државата и регионот и произведени се повеќе од 80 брендови.