Македонија
23. July 2015 - 9:11

Изложба на фотографии „Кокино-Мистичен шепот низ вечноста“ од Љупчо Илиевски

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложба на фотографии насловена „Кокино-Мистичен шепот низ вечноста“ од авторот Љупчо Илиевски. Изложбата која беше промовирана во повеќе светски центри содржи 50 фотографии од кои во Велес се претставени 26.
 
Вовед во изложбата на Илиевски пред присутните имаше Елица Николова директор на Народниот музеј од Велес, која за Илиевски оцени дека спаѓа во редот на најистакнати македонски фотографи од средната генерација, кој негува специфичен уметнички стил и силен авторски печат.
 
- Илиевски третирајќи ја фотографијата како уметност и користејќи ги во целост можностите на фотографскиот медиум ни предава прекрасни визури на еден исклучителен простор и ни ја раскажува приказната за местото каде праисториските цивилизации, мегалитските карпи кај Кокино ги користеле како опсерваторија 1800 години пред новата ера, потенцира Николова. 
 
Изложбата ја промовира Александар Кондев колега на Илиевски и самиот професионален фотограф.
 
- Ова е многу важна изложба, затоа што Кокино е значаен локалитет за Македонија, како доказ за долговечноста на цивилизацијата на ова тло, а тоа Илиевски со макотрпна работа од повеќе години успеа да го прикаже на светот преку своите фотографии, потенцира Кондев.
 
Авторот Илиевски за медиумите појасни дека на оваа изложба работел од 2002 до 2010 година и за него Кокино е повеќеслојна убавина.
 
- Кокино има мистичност и таинственост и јас мислам дека тоа успеав да го прикажам преку овие мои фотографии од Кокино, потенцира Илиевски.
 
Инаку, изложбата беше дел од манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“.