Изложба „Икони XIV-XX век” во галеријата Чифте амам
Националната галерија на Македонија (НГМ) вечер од 19 часот во галеријата Чифте амам ќе ја отвори изложбата „Икони XIV-XX век”. Ќе бидат презентирани околу четириесет икони, светогорски графики и копии од фрески од колекцијата на НГМ и Музеј на Македонија.
НГМ соопшти дека на љубителите на уметноста изложбата им дава преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на македонското иконописно творештво од XIV-XX век.
На почетокот на работењето на тогаш Уметничката галерија во 1950 година, Археолошкиот музеј и предал педесеттина икони од кои еден дел биле изложени во тогашната поставка на галеријата, а останатиот дел бил сместен во нејзините депоа. Тоа биле, пред се, икони донесени од тогаш неактивните цркви и манастири, заради нивна безбедност и заштита. Останатиот дел биле откупи од приватни колекции.
На свеченото отворање на Галеријата во 1950 година била отворена и првата поставка на ликовни дела: икони од XIV-XIX век, копии од најубавите примери на македонските фрески и ликовни дела од тогашната македонска и југословенска современа уметност.
- Овој податок зборува дека иконите хронолошки биле дел од поставката на галеријата од првите години од нејзиното постоење, наведува Славица Алексоска, виш кустос.
Во текстот за каталогот издаден во 1950 година по повод отворањето на првата официјална поставка, меѓу другото пишувало:
„На Илинден 1950 година, македонските уметници по двегодишна подготовка, удрија темел на првата Уметничка галерија во Скопје. Во Галеријата ги гледаме безимените наши зографи што со своите дела ги напишаа најубавите страници на нашата уметничка историја. Живеејќи под најтешки политички и економски услови во поробениот и заборавениот Балкан, тие беа творци на најсилното што го даде човештвото во уметноста за полни четири столетија од италијанската ренесанса и три столетија пред генијалниот Ѓото”.
Денес збирката на икони во Националната галерија на Македонија има над педесетина примероци од кои една икона датира од средината на XIV век, една од XV-XVI век, а останатите икони му припаѓаат на поствизантискиот период, периодот на Преродбата (XIX век), и мал број икони од почетокот на XX век. Според стилската и хронолошката припадност, најмногу примероци припаѓаат на поствизантискиот период и периодот на Преродбата.
Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 30 јануари 2018 година.
Ново на Сител
-
Паднаа Фејсбук, Инстаграм,Месингер
-
Средба на министерот Тошковски со Симон Ридли, државен секретар за внатрешни работи на Обединетото Кралство
-
32-годишен скопјанец ги нападнал неговата мајка и баба
-
Тројца малолетници нападнале 60 годишник на автобуска во Гази Баба
-
ЕУ со нови санкции за Русија
-
Бунтовниците го укинаа полицискиот час во Дамаск
-
Царинска управа: Запленети накит, девизи, цигари, облека и автоделови
-
Костадиновски: Одлуката за подготвителна седница не е слабост, Судот ќе одлучува за иницијативите за Законот за јазиците најдоцна во мај