Македонија
30. December 2015 - 8:46

Изложба и промоција на книга во Галеријата „Остен“

Галеријата „Остен“ денеска ќе отвори изложба на  сатирични слики на стакло од Мице Јанкуловски, директор на „Остен“. 

Авторот ќе се претстави со циклусот слики со сатирична содржина, создадени во 1980-тите години, изработени во интересна и ретка техника - масло на стакло.

Јанкуловски (Сливово, 1954) се занимава со сликарство, карикатура и анимиран филм и ја негува специфичната техника на сликање на стакло. Има реализирано 40 самостојни изложби во Македонија и низ светот и е добитник на 12 домашни и меѓународни награди и признанија. 

Воедно, „Остен“ денеска напладне ќе го промовира и своето издание „Визуелните уметности во Македонија - 20 век“, книга 1: сликарство, скулптура, графика.

Се работи за преглед на современата уметност во Македонија, претставена во монографски формат. Автори на текстовите се Соња Абаџиева и Емил Алексиев. Книгата ќе ја промовира академик Богомил Ѓузел.