Македонија
24. July 2018 - 13:56

Излезе од печат списанието „Современи дијалози“ на МНД-Битола

Македонско научно друштво-Битола го издаде најновиот број на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“.

Во најновиот број на списанието, на 200 страници објавени се творби и осврти за дела од 70 реномирани писатели од Македонија и од странство.

-„Современи дијалози“ содржи извонредно интересни и разновидни авторски творби распоредени во седум рубрики. Во рубриката „Поезија“ се поместени 90 поетски творби од реномирани поети од Македонија, во „Проза“ се застапени 17 раскази и два извадока од романи, рубриката „Драма“ содржи извадоци од две драми, рубриката „Прикази, осврти, книжевни критики, рецензии“ има разновидна палета на видувања за 11 дела и еден есеј, истакна Весна Мундишевска-Велјановска, главен и одговорен уредник на списанието.

Во најновиот број на списанието, кое е составен дел од сегментот издаваштво на Националната програма на Министерството за култура, поместени се текстови кои се однесуваат на приемот на писателот Владимир Костов во МАНУ и доделувањето на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема на професорката д-р Гордана Стојаноска, двајцата членови на МНД-Битола.

- Читателите може да се инфомираат и за животот и делото на францускиот книжевник Алфред де Вињи, препевот од француски на македонски јазик на неговата поема „Дивата“ и рубрика за меѓународна соработка во која се поместени 30 поетски и прозни творби од писатели од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Унгарија, Грција и Бугарија. Оваа рубрика овозможува воспоставување соработка и одржување на веќе воспоставените врски со повеќе списанија од странство, со што „Современи дијалози“ е достапен и до колегите писатели и до почитувачите на книжевноста и уметноста во странство, посочи Велјановска-Мундишевска.

Новото издание на „Современи дијалози“ содржи илустрации од Петар Наневски, а ликовен уредник и на овој број на списанието е Љубица Мешкова-Солак. МНД-Битола го издава списанието со финансиска поддршка од Министерството за култура.