Македонија
15. February 2018 - 20:08

Изјавата на премиерот Заев централна тема во грчките медиуми

Изјавата на премиерот Заев ги исполни насловните страници во грчките медиуми. Најголемиот дел од нив во целост ја пренесуваат изјавата дека е постигнат договор за три од седум точки во преговорите со името, но и ставот на Заев дека достоинството и идентитетот се нераскинливи елементи во преговорите со Грција. Грчките медиуми потсетуваат на изјавата на Коѕијас дека прашањата за кои се преговара го опфаќа името и неговата употреба, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.

Онлајн изданието на весникот „Та неа“ ја оценува како важна ваквата изјава на Заев која доаѓа само неколку часа пред новата средба на министрите за надворешни работи на двете земји во Софија.

Во анализа на спорот, Њус ин пишува дека името за кое постои согласност од двете страни е  Горна Македонија, откако претходно македонската страна го отфли предлогот Република Нова Македонија, додека за Атина е неприфатливо името Република Македонија Скопје. Во текстот се додава дека Атина преферира тоа да биде на македонски јазик, без превод и еден слеан збор, додека пак Скопје бара да бидат два одделни збора.

Во меѓувреме и градоначалникот на Атина застана во одбрана на својот солунски колега.

„Патриотизам е да се служи во интерес на граѓаните со реализам. Јанис Бутарис е вистински патриот“, напиша Јоргос Каминис на Твитер, по жестоките напади врз Бутарис кој во контекст на преговорите за решавање на спорот со името предложи преименување на аеродромот Македонија во Солун.