Бизнис
24. September 2020 - 21:17

Изградбата на пругата кон Бугарија во застој, а Владата најавува и пруга кон Албанија

Има ли крај приказната за железницата од Коридорот 8? Деценискиот проект, започнат од осамостојувањето на земјава, после неколку пролонгирања низ годините, повторно ќе ги пробие ветените рокови дека првиот воз кон Бугарија ќе тргне во 2025 година.
Три месеци откако германската фирма-изведувач ги спакува машините и се откажа од проектот, сè уште нема нов тендер за да се одбере компанија, која ќе ја продолжи работата на делницата Куманово-Бељаковце. Од Министерството за транспорт информираат дека се чека анализата од надзорот, за да се знае точно за колкав дел од пругата треба да се распише тендер.
Од друга страна, Владата на последната седница го задолжи Министерството за финансии да обезбеди пари од странските кредитори во износ од 426 милиони евра за изградба на првата фаза од пругата кон Албанија, од Кичево до Струга.
Но, јасно е дека Македонија уште неколку години шински ќе остане неповрзана со соседите од Коридорот 8, а тоа значи дека фирмите уште ќе чекаат за транспорт на својата стока преку железница до пристаништата во Албанија или Бугарија.

Железничкиот транспорт е особено атрактивен за бизнисот бидејќи е поевтин од авионскиот, а побрз од бродскиот.

Додека евро-азиската железница урива рекорди и според последните податоци забележа раст на шинскиот транспорт од над 60% за период од една година, Државната статистика кај нас пресмета пад од 15%.