Македонија
21. July 2019 - 18:51

Изгоре хангарот на Едриличарскиот клуб во Струга

Голем пожар ги пеплоса бараките во кои е сместен Едриличарскиот клуб во Струга, кој што се наоѓа во близина на „Машка плажа“.

Брзата интервенција на Струшките пожарникари спречи поголема катастрофа, и не дозволи проширување кон други објекти. Нема повредени цивили, а еден пожарникар е хоспитализиран поради труење од чад.

Командирот на Територијалната против-пожарна единициа Ристе Талевски за МИА информира дека е опожарен цел хангар каде што беше сместен Едриличарскиот клуб и предизвикана е голема материјална штета.

– Интервениравме со две против-пожарни возила и 13 пожарникари. Предизвикана е огромна материјална штета, но за среќа нема повредени цивили. Поради вдишување чад еден пожарникар е хоспитализиран, изјави Талевски.

Поради силината на огнот, додаде, постоела опасност да бидат зафатени и локалните бараки.

– Пожарот е локализиран, работиме на целосна ликвидација. Спасени се надворешните едрилици, а постоеше опасност од зафаќање и на локалните бараки, посочи Талевски

Причините за пожарот не се познати. По целосното гаснење, екипи на крим техника ќе работат на утврдување за причините.