Македонија
22. August 2019 - 16:48

Изгоре двокатен автобус на ЈСП, нема повредени патници

Целосно изгоре двокатен автобус на ЈСП во Ѓорче Петров. Автобусот со број 5 сообраќал на редовна линија кон Центар, а се запалил во близина на општинската зграда. Патниците навреме го напуштиле возилото и меѓу нив нема повредени.

Откако со противпожарниот апарат возачот не успеал да го стави огнот под контрола, на помош била повикана противпожарната бригада. Тие спречиле пламените јазици да ја направат дополнителна штета на куќата пред која се запалил автобусот. 

Од Јавното сообраќајно претпријатие соопштуваат дека од запалениот автобус е причинета само материјална штета, благодарение на брзата интервенција на скопската пожарна.

“Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен и се утврдуваат причините на пожарот. Возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со ПП апарат се обидел да го изгасне. Во меѓувреме забележал и искрење и повикал на помош екипа на Противпожарната бригада”, велат од ЈСП.

Неофицијално, причина за пожарот е неисправната инсталација. Од ЈСП посочуваат дека автобусот бил редовно сервисиран, а што точно го предизвикал огнот, ќе одговорат вештаците од МВР по извршениот увид.