Македонија
17. јуни 2017 - 16:00

Изгаснати пожарите на струшката депонија, локацијата се тампонира

Активностите спроведени на терен резултираа со гаснење на пожарите на дивата депонија во Струга, а според последните информации затрупан и покриен е повеќе од половина од отпадот што се наоѓа таму.

Тешка механизација веќе втор ден работи на локацијата, со цел конзервација на локалитетот што веќе неколку месеци наназад беше опожаруван, а густ чад и штетни честички секојдневно го загадува воздухот, предизвикувајќи респираторни и други проблеми кај населението на Струга и околните села.

Граѓаните на Струга заедно со активисти на повеќе граѓански здруженија во меѓувреме побараа од политичарите, како на локално така и на национално ниво, да престанат да ја злоупотребуваат нивната мака за добивање политички поени, а сите капацитети да ги вложат во преземање конкретни активности за надминување на проблематичната состојба.

Од граѓанската иницијатива „Доста е“, во меѓувреме, до надлежните институции е упатено барање со три точки, во кои се инсистира веднаш да се изнајде нова локација за одлагање на отпадот, одлука во најкус рок за целосно затворање и конзервација на дивата депонија, како и разработување методи за намалување на отпадот и негова селекција.

Тие следниот протест во врска со проблемот со отпадот во Струга го најавија за в среда - 21 јуни.