Македонија
6. August 2021 - 14:28

Изгаснат големиот пожар кај велешката населба Дурутовец, спасени четири викендички

Големиот пожар што синоќа избувна кај велешата населба Дурутовец и кој поради силниот ветер брзо се ширеше кон селото Чолошево и претставуваше опасност по куќите и викендичките, е изгаснат со интервенција од ТППЕ Велес со две возила-цистерни со вода и 13 пожарникари. 

Пожарот бил пријавен во ТПП Велес во 19:25 часот, а бил изгаснат во 2 часот по полноќ. Од ТППЕ Велес за МИА информираат дека пожарникарите успеале да спасат од опожарување четири викенд-куќички, а во пожарот изгореле околу 20 хектари со дрвца, сува трева и трње.

Неколку часа по полноќ, во Велес се вратиле и шестте пожарникари со едно возило-цистерна со вода, кои вчера попладне заминаа на помош на пожарникарите и населението во опожарениот реон на Кумановско.

Портпаролот од ЈКП „Дервен“, Тодорка Пенкова Андреева, информира за МИА дека вчера попладне, поради високите температури и запаливите предмети и материи на градската комунална депонија, таа сама повторно се запалила.

Пенкова Андреева потенцира дека тој пожар бил засебен од пожарот кај Дурутовец. и информира дека нивни вработени, со затрупување со песок со булдужер, успеале доцна синоќа да го изгаснат овој пожар.