Македонија
3. January 2020 - 22:38

Избрана нова Влада, Зоран Заев поднесе оставка

Собранието ја избра техничката Влада предводена од Оливер Спасовски. 101 пратеник дадоа поддршка за преодниот состав кој има задача да организира фер и демократски избори во следните 100 дена. Спасовски вети ефикасна и отчетна Влада, а опозициските членови ги повика чесно и достоинствено да ја извршуваат функцијата.

Слични пораки испрати и координаторот на СДСМ Јован Митревски. ВМРО-ДПМНЕ пак седницата ја искористи да ја потсети власта на сите неисполнети проекти и скандали.

На предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Министер за внатрешни работи во техничката Влада ќе биде Наќе Чулев, а министер за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Опозициската партија предложи и дополнителни заменици министри во земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии.

Непосредно пред почетокот на собраниската седница, Спасовски го доби мандатот од претседателот Пендаровски, откако Заев утрово поднесе оставка. Неговото работење предизвика реакции и кај власта и кај опозицијата.  

Преодната Влада ќе ја води државата 100 дена, до одржувањето на предвремените  избори на 12 април. Ако се оди според догвореното, спикерот Џафери треба да го распушти овој собраниски состав 60 дена претходно, односно на 11 февруари.

Ова е втора техничка влада во земјава, откако ваква пракса беше воспостваена со пржинскиот договор пред 4 години.