Свет
2. April 2019 - 9:08

Изборите во Украина: Што навистина се случи

Пред три и пол години почна емитувањето на телевизиската серија „Слуга на народот“ во која настапи Володимир Зеленски. За земја во која доминираат парите и моќните олигарси, таа беше еден вид забава.

Зеленски во серијата толкуваше улога на професор кој случајно ќе стане претседател, откако на социјалните мрежи ќе објави експлозивен говор за украинската политика.

По убедливата победа во првиот круг на претседателските избори, Зеленски е на чекор од тоа да стане претседател и во реалноста.

Дали животот ја имитира реалноста? Или сме сведоци на најсофистицираната изборна кражба во 21 век?

Необична кампања

Кампањата на Зеленски беше поинаква и им пркосеше на стереотипите. Тој ги немаше вообичаените собири и политички говори, ниту веселите видеоклипови на социјалните мрежи.

Овој 41-годишник своето незнаење го претстави како своја доблест и отворено призна дека нема цврсти политички ставови. – Нема ветувања, нема разочарувања, беше една од неговите изјави што треба да се напомене.

Кон крајот на јануари минав еден ден со Зеленски, откако се кандидираше на претседателските избори.

Тој е актер, така што сè може да биде лажно, но мој впечаток е дека тој е еден симпатичен и смешен млад човек.

Откако ме прошета низ неговата многу успешна продукциска куќа „Квартал 95“, Зеленски шеговито ми раскажуваше дека го сака хуморот на Монти Пајтон, за потоа да кука дека неговата публика повеќе го сака хуморот на Бени Хил.

Бев таму кога колегите со шампањско му го честитаа 41-от роденден. Некои со солзи во очите тврдеа дека ја поддржуваат неговата кампања за претседател, но дека се тажни затоа што можеби ќе ги напушти.

Потоа отидовме во кантина за да направиме интервју во текот на кое се покажа дека политичките ставови на Зеленски сè уште се во фаза на формирање.

Ми рече дека верува оти луѓето сакаат „нешто ново и дека сакаат да добијат личност со човечки лик“.

Имаше нејасни уверувања дека треба да се „запрат престрелките“ во Источна Украина, а уште покомплицирани беа неговите идеи како тоа треба да се направи.

Тој ми рече дека емиграцијата е следната важна тема за Украина, но не изнесе ниту една идеја како да се запре одливот на мозоци.

Сомнителни врски

Работите не беа подобри ниту кога дојдовме до Ахиловата пета на Зеленски, неговите деловни врски со контроверзниот бизнисмен Игор Коломоски.

Врските се очигледни. Сите негови хумористични телевизиски програми се емитуваат на најпопуларната украинска телевизија 1+1.

Коломоски е сопственик на 1+1, но со неа мора да управува од далечина, затоа што е во егзил, бидејќи во Украина се водат бројни истраги за неговите бизниси.

Кога разговарав со Коломоски во Израел, тој не се трудеше да ја минимизира својата улога во подемот на комичарот, истакнувајќи дека сака да постојат „милиони Зеленски“.

Немаше никаков сомнеж што 1+1 му даде целосна поддршка на комичарот. Четири дена пред гласањето премиерно е емитувана последната епизода од серијата „Слуга на народот“, а ноќта пред изборите беше посветена на Зеленски.

Се поставува прашањето што дал претседателот Зеленски за возврат. Кога разговаравме комичарот инсистираше на тоа дека тој не е „кукла“ на Коломоски и ако судовите утврдат негова одговорност тој нема да биде заштитен. Но, загриженоста останува.

Во последните недели, по некои катастрофални испади на состаноци зад затворени врати со дипломати, тој ангажираше кредибилен советник, кој треба да се обиде да ги убеди луѓето дека Зеленски, иако изгледа неубедлив, сепак ќе биде опкружен со паметни луѓе и ќе добива најдобри совети.

Засега Зеленски мора да се насочи на вториот круг што се одржува за три недели. Неговиот противник Петро Порошенко има воспоставено мрежа на терен и поддршка од администраторите низ земјата. Победата на комичарот никако не е извесна.