Македонија
7. December 2016 - 14:47

Изборите ќе ги следат 4.706 набљудувачи и 60 странски новинари

Вкупно 4.706 набљудувачи, 354 преведувачи и 60 странски новинари ќе ги следат претстојните парламентарни избори што ќе се одржат во недела.

Во законскиот рок, којшто истече на полноќ, до Државната изборна комисија акредитации побарале 4.047 домашни и 659 странски набљудувачи.

Според податоците објавени на веб страницата на Државната изборна комисија, од домашните набљудувачи најбројни се оние на МОСТ кој ќе ги следи изборите со 3.435 лица, додека од странските најмногу има од Мисијата за набљудување на изборите ОБСЕ/ОДИХР која има каредитирано 280 набљудувачи и 230 преведувачи.

Најбројни од странските новинари кои ќе известуваат за текот на изборите во Македонија се на Ал Џазира Балкан која има акредитирано 16 новинари. Бројни ќе бидат и новинарите од албанските медиуми како што се РТВ 21 Приштина која акредитира седум новинари и Топ Канал Тирана пет новинари. Со шест новинари изборите во Македонија ќе ги следи и Државната турска радио телевизија ТРТ.