Македонија
15. јуни 2016 - 18:59

Избор на нов министер за финансии и заменик-министер за надворешни работи во Собранието

И покрај тешката политичка состојба во Македонија, Владата останува максимално посветена на реализација на огромен број проекти и реформи за кои граѓаните дадоа поддршка на изминатите избори, порача премиерот Емил Димитирев. На собраниската седница за избор на нов министер за финансии и заменик министер за надворешни работи, Димитирев јавно му се заблагодари на Ставревски за 10-годишниот професионален ангажман. Потенцираше дека со посветена работа, Ставревски покажал како се сака Македонија и дал личен придонес за економски раст и развој на земјава. За негов наследник, Димитриев го предложи актуелниот директор на Управата за јавни приходи, Кирил Миновски, за кого рече дека е човек кој располага со соодветен капацитет за оваа одговорна позиција и кој со сигурност успешно ќе се вклопи во економскиот тим на Владата.

-Како човек кој работел и соработувал со него, слободно можам да кажам дека станува збор за исклучително квалитетна личност, човек со исклучителна стручност и знаење кој секогаш максимално, посветено и енергично пристапува кон работите, човек кој секогаш бил меѓу граѓаните, отворен да ислуша и да даде совет, секаде и секому да помогне да реши проблем – на граѓаните, на компаниите, да креира нова мерка или нов проект. Секогаш посветен и неуморен, максимално одговорен, домаќински грижлив, принципиелен и секогаш доследен на кажаното, секогаш пријателски настроен со нови идеи и подготвеност за справување со предизвиците. Со својот личен и професионален ангажман на клучни позиции, Зоран Ставрески изминатите 10 години даде огромен личен влог во развојот на Република Македонија, во испишување на нови стандарди и принципи во македонската политика и воведувањето на бројни реформски процеси во државата. Миновски во текот на неговото работење  презентираше целосна отвореност на институциите кон компаниите и граѓаните, како во насока на подобро информирање за работата на институциите, така и во насока за решавање на проблемите и унапредување на работата, потенцираше Димитриев.

Пратениците од СДСМ од новиот министер побараа да троши повеќе за граѓаните, а помалку на непродуктивни проекти и да го зголеми нивото на транспарентност во трошењето на народните пари. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пак, потенцираше дека со заминувањето на Ставревски Македонија губи значаен столб на економската политика. Во изминатите 10 години, значително се намалија даноците, а се зголемија платите и пензиите, а направена е поголема отплата на стари долгови, отколку што се земени нови.

Пратениците од албанскиот блок, пак дебатата ја искористија за меѓусебни обвинувања. ДПА тврди дека во албанските населени места нема ниту еден капитален проект и слободна економска зона. Според ДУИ, Македонија е мултиетничка земја, а изградените патишта и државни институции ги користат сите граѓани.