Македонија
12. February 2017 - 14:17

Избор на најдобри домашни вина и ракии во Неготино

Во Неготино денеска се избираат најдобрите вина и ракии произведни во домашни услови, во рамки на традиционалната манифестација „Недела на виното”, посветена на верскиот празник „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите. Изборот преку дегустација на пријавените мостри од 30 црвени и 18 бели вина, како и 14 ракии, го вршат стручни лица енолози од Здружението на винари од Македонија.

 - Меѓу вината што ги дегустираме има и фаворити и просечни вина, нема вина со лош квалитет. Mногу е битно што од година во година, домашните производители одат напред, кога е во прашање квалитетот на нивните вина. Тоа значи дека домашните производители покрај тоа што ја почитуваат традицијата, веќе слушаат и совети од стручни лица. Многу се внимава на технологијата, постапките, хигиената при производството и така се добива се подобар и подобар квалитет на нивните вина. Uбаво е да се продолжи оваа традиција, тие да имаат и мотив за понатаму,  изјави Соња Перковска од винарија „Мовино”, која е дел од стручните лица кои ги оценуваат вината.

Според Перковска,  изминатата берба на грозје била многу добра бидејќи имало мошне квалитетно грозје. Тука е и искуството на домашните производители, кои со години се занимават со оваа работа, но и едукацијата. Сето тоа, посочи,  придонесува до учество на се повеќе вина на овој натпревар, но и поквалитетни,  а и натпреварувачкиот дух е веќе присутен.

Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов информира дека  годинава има најголема масовност  во поглед на пријавените примероци чиј квалитет се оценува. Наградите ќе бидат свечено доделени на самото празнување во вторник, на градскиот плоштад во Неготино. Се надеваме дека со симболичното наградување ќе мотивираме во иднина интересот за ваквиот натпревар да биде уште поголем. Тие што се во можност пак, да пристапат кон регистрирање на   професионални винарници, изјави Апостолов.

Во рамки на манифестацијата  утре ќе се одржи предавање на тема „Состојба и перспектива на вранецот во Република Македонија”,  на кое ќе говори проф.д-р Виолета Димовска  од Факултет за земјоделски науки при универзитетот “Гоце Делчев” од  Штип.