Македонија
24. April 2019 - 19:05

ИВЗ обвинува за фалсификат, Бузаку чека државата да му ја предаде функцијата

Класичен фалсификат се документите со кои Скендер Бузаку е назначен за поглавар на ИВЗ, тврдат од исламската верска заедница. Документите кои ги подигнале од основниот суд Скопје 2 врз кои судот го донел решението велат дека се целосно невистинити. На оригиналите не одговарале ниту печатот ниту записниците. Од ИВЗ велат дека целиот случај е политички монтиран од актуелната власт а помогнат од судијката која го донела решението.

Бузаку не открива детали за документите со кои судот донел решение тој да ја преземе функцијата поглавар на ИВЗ. Вели дека се почитувале сите правила на Исламската верска заедница.

Од судот велат дека документите кои пристигнале од ИВЗ покажале оти Сулејман Реџепи поднел оставка на крајот од минатиот месец по што Ријасетот за нов поглавар го назначил Бузаку. Врз основа на овие докуметни граѓанскиот суд го запишал Бузаку за прв човек на на ИВЗ.

“Судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот. По однос на прашањето, дали неотповикливата оставка на Реџепи е фалсификат или не, Ве известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка“, се вели во известувањето од судот.

 

Од ИВЗ велат дека засега нема промени во верската заедница и Реџепи останува на функцијата. Додаваат дека одлуката на судот е веќе обжалена а поднесени се и кривични пријави против фалсификаторите на документите.

Бузаку вели дека согласно судското решение, очекува  МВР и Финансовата полиција да му овозможат да ја превземе функцијата поглавар на ИВЗ.