Македонија
15. April 2017 - 12:25

Иванов: Заев води перфидна игра

Претседателот Ѓорге Иванов во интервју за австрискиот дневен весник „Венр цајтунг“ вели дека лидерот на СДСМ Зоран Заев „не дозреал за улогата што му ја дале“, дека се преценил и самиот тој, а го прецениле и тие што му дале да игра таква улога и дека во политиката треба да има дијалог и компромис, а тој не сака да разговара. 

- Која и да е коалиција создадена под уцена е нестабилна. Уставот се менува со двотретинско мнозинство. Но Заев ќе настојува да се донесат тие закони во Парламентот, за јас да ставам вето на нив, а Уставниот суд да покрене иницијатива и да ги поништи тие закони. Тоа ќе го прави Заев за после да ме обвини мене дека сум антиалбанец. Сфаќате колку е перфидна играта, вели претседателот Иванов за „Венр цајтунг“.

Според Иванов, Заев сака само да дојде на власт. - Но, тој ги изгуби изборите во декември. Јас сметам дека тој не знае во каква игра се вмешал. Тој беше заслепен од желбата да дојде на власт. Сега се наоѓа во деликатна ситуација. Доколку не успее да дојде на власт, би можел да заврши в затвор, вели Иванов.

- Јас не се заканувам. Македонските институции во даден момент ќе постапат против него, ќе ги истражуваат сите околности. На пример, интересно ќе биде прашањето кој му ги доставил прислушуваните разговори, додава Иванов. 

Според македонскиот претседател, нови парламентарни избори се една од опциите за излез од кризата.

- На крајот ќе има избори, кога тогаш. Тоа секогаш е така во демократијата. Кога има блокада, секогаш се завршува со избори. Но, сега, на тие што го создадоа Заев, не им одговараат избори, бидејќи вложија многу пари, многу авторитет во него, и треба да го сочуваат образот. Тие се свесни дека ова е промашена инвестиција. Бидејќи со платформата што ја прифати Заев секој ден довербата му опаѓа, вели претседателот Иванов во интервјуто за „Винер Цајтунг“.