Македонија
4. September 2017 - 16:22

Иванов во дводневна работна посета на Полска

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, утре и задутре ќе престојува во работна посета на Полска, по повод учеството на 27. Економски форум, што ќе се одржи во Крињица – Здруј.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, Иванов ќе се обрати на официјалната сесија на отворањето на Економскиот форум, на тема „Незавршена интеграција – аспирации на европските земји“, на која ќе говорат и полскиот претседател Анджеј Дуда и претседателот на Грузија, Гиорги Маргвелашвили. Главна тема на годиншниот економски форум е „Проект Европа – кој е рецептот за следната деценија?“.

За време на престојот во Послка, предвидено е претседателот Иванов да има билатерална средба со полскиот претседател Анджеј Дуда. 

На 6 септември претседателот Иванов ќе се обрати на 12. Економскиот форум на млади лидери.

Економскиот форум кој оваа година се одржува по 27. пат, претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката во овој дел на континентот. Целта на оваа иницијатива е да се создаде поволна клима за развој на политичката и економската соработка во Европа. На форумот ќе присуствуваат над 3.000 учесници од повеќе од шеесетина земји од Европа и светот.