Македонија
20. September 2016 - 10:10

Иванов-Солберг: Потребна е соработка во економијата и безбедноста

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во Њујорк, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, оствари средба со премиерот на Кралството Норвешка, Ерна Солберг.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, двајцата соговорници изразија подготвеност за продолжување и унапредување на соработката во сите сфери на заеднички интерес, како и за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Кралството Норвешка.

- Во наредниот период неопходно е да го зајакнеме политичкиот дијалог на сите нивоа, што треба да резултира со зголемена динамика и содржина на соработката, особено во сферата на економијата и безбедноста, истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната помош и поддршка на Норвешка, преку чии бројни проекти, се унапредуваат значајни сегменти и сектори во македонското општество

Премиерот Солберг упати честитки по повод 25 годишнината од независноста на нашата држава, и ја реафирмираше посветеноста на Норвешка за евроатлантската ‎интеграцијата на земјите од Балканот, притоа истакнувајќи дека како и до сега така и во иднина нејзината земја ќе биде поддршка и ќе остварува блиска соработка со Република Македонија, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.

Претседателот Иванов и премиерот Солберг се договорија за интензивирање на соработката и поддршката на мултилатерален план.