Македонија
26. February 2016 - 15:10

Иванов прими акредитивни писма од четворица новоименувани амбасадори

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Федеративна Република Бразил, Република Ангола, Република Гана и на Република Того.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил за Република Македонија, со седиште во Белград, Ана Марија Фернандеш, македонскиот претседател истакнал дека постои заедничка желба и голем потенцијал за унапредување на меѓусебните односи меѓу двете земји, а во тој правец е и отворањето на првата македонска амбасада во оваа земја, којашто воедно е и прва македонска амбасада на целиот јужноамерикански континент, изразувајќи уверување дека во блиска иднина ќе следи и отворање на Амбасада на пријателската Федеративна Република Бразил во Република Македонија.

 - Сигурен сум дека отворањето на Амбасадата во Бразилија ќе даде нов импулс за продлабочување на нашите односи. Постои исклучително голем простор за подобрување на соработката, особено во економијата, за што е потребно да се постави правната рамка. Се надевам дека за време на Вашиот мандат соработката ќе се подигне на многу повисоко ниво, за што прв чекор може да биде завршувањето на постапката за целосна либерализација на меѓусебниот визен режим, истакнал претседателот Иванов.

Во контекст на унапредувањето на билатералните односи помеѓу двете земји, новоименуваниот амбасадор за Бразил Фернандеш подвлече дека нејзиниот ангажман ќе биде во насока на продлабочување на взаемните дипломатски односи, меѓу кои е и воспоставувањето неформален механизам за политички консултации со можности за дискутирање на теми од заеднички интерес на билатералната и меѓународната агенда.

- Понатаму, исто така очекувам да ги завршиме преговорите за билатералниот инструмент за визно ослободување, како што предложи Бразил во 2014 година и да започнеме со преговори кои се однесуваат на културниот билатерален договор, неодамна предложен од министерството за култура на Македонија, истакнала амбасадорката Фернандеш.

Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Ангола за Република Македонија со седиште во Белград, Жозе Жоао Мануел, ја истакнал подготвеноста на нашата земја за унапредување на билатералните односи и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, особено со збогатување на нормативно-правната рамка за  нивно уредување.

На средбата биле разменети и мислења зa утврдување на конкретни форми на соработка за што дополнителен импулс би дало взаемното именување на почесни конзули во Ангола и Македонија, можностите за воспоставување на економска соработка со оглед на фактот дека Ангола е една од земјите со најбрз економски раст во Африка, а студентите од Ангола би можеле да ја искористат можноста за студирање во нашата земја преку стипендиите за странски студенти кои ги доделува Владата на Република Македонија.

Подготвени сме и искрено се надеваме дека ни претстои интензивирање на политичкиот дијалог, порачал претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Гана за Република Македонија со седиште во Прага Сабах Зита Окаикои, и истакнал дека и покрај географската оддалеченост и двете земји негуваат пријателски односи и имаат потенцијал за нови форми на соработка.

Амбасадорката Окаикои истакнал дека од воспоставувањето на дипломатските односи, досега се зацврстија односите помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво и изрази уверување дека во блиска иднина ќе се развие соработката во областа на образованието, здравството, трговијата, инвестициите, науката и технологијата.

Македонскиот претседател на свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Република Тогоза во Република Македонија со седиште во Берлин Квами Кристоф Дикену, рекол дека прв пат од воспоставувањето на дипломатските односи, Република Того назначува нерезидентен амбасадор за Република Македонија што претставува значаен момент во односите меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честитал за функцијата и им посакал успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.