Македонија
13. April 2016 - 16:40

Иванов, Пахор и Грабар Китаровиќ не стасаа до кота 59

По затварањето на балканската рута Македонија коректно ги извршува своите обврски во справувањето  со бегалската криза и обезбедувањето на јужната граница, но Европа мора  да испрати јасен сигнал до бегалците кои со месеци чекаат дали ќе ги прими или не , ова е пораката која  денеска беше испратена од Гевгелија од страна на претседателите на Македонија, Словенија и Хрватска кои беа во посета на транзитниот центар и здржените полициски сили кои ја обезбедуваат јужната граница. Изразувајќи благодарност до  Словенија и Хрватска за досегашната помош претседателот Иванов потенцираше дека коридорот е затворен затоа што тоа е одлука на Брисел која Македонија ја почитува.

,,Инцидентите кои што се случуваат од јужната страна на границата како што беше на 14 март и во неделата укажува дека имаме притисок на голем дел од мигрантите кои сакаат повторно да се отвори коридорот, меѓутоа коридорот е во ваква состојба поради одлуката на Брисел и ние ја почитуваме таа одлука и се додека е на сила таква одлука Македонија мора така да се однесува и да ја чува својата граница.,, рече Ѓорге Иванов – претседател на Република Македонија

Солевенечкиот претседател Борут Пахор ја потврди поддршката која Македонија ја има од двете земји притоа нагласувајќи дека тие и во иднина преку процесот Брдо Бриони ќе инсистираат за напредокот на нашата држава како кон ЕУ така и НАТО.

,, Македонија веќе подолго време не напредува, но не поради Европа и НАТО, туку поради домашните случувања, политичката криза и нерешени прашања со некои од соседите. Јас сум убеден дека преку демократски процеси сите тие може да се решат и потоа да се бара компромис за евроатлантската интеграција на Македонија.,, рече Борут Пахор – претседател на Словенија

Според претседателката на Хрватска,  Колинда Грабар Китаровиќ  Европската Унија и одредени нејзини членки мора да испратат јасни пораки што и како понатаму бидејќи мигрантскиот бран и пристисокот нема да престанат се додека пораките не бидат јасни.

,,Мигрантите од другата страна на границата и понатаму се обидуваат да поминат и да ја отворат балканската рута,  но таа останува затворена се додека државите кои се дестинации на мигрантите не се изјаснат дали ке ги примат или не,,. Рече Колинда Грабар Китаровиќ – претседател на Хрватска

Хрватската претседателка нагласи дека тие како држава ќе продолжат да и помагаат на Македонија не само со справувањето со бегалската криза туку и во процесот кон евроатланското пристапување притоа охрабрувајќи ги сите политички чинители да продолжат во решавањето на проблемите кои доведоа до политичка криза.

Инаку и покрај тоа што беше најавено од безбедносни причини и по барање на полицијата тројцата претседатели не ја посетија граничната кота поради обидот на група мигранти повторно да предизвикаат инцидент.