Македонија
20. јуни 2018 - 12:18

Иванов: Останувам на ставот за договорот, Заев да покрене постапка за импичмент

Премиерот нека собере 80 пратеници и нека поведе постапка за импичмент. Претседателот Иванов реагира на вчерашните пораки на Заев кој во интервју за Канал 5 најави дека ќе побара одговорност од Претседателот доколку го блокира договорот со Грција

„ Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент. Мојот став во однос на штетниот договор за името е конечен и останува непроменет и покрај сите искажани закани и притисоци“ – стои во реакцијата на Претседателот Иванов.

Реакцијата на Иванов доаѓа како одговор на ставот на премиерот дека власта ќе собере двотретинско мнозинство во Собранието и дека нема да дозволи Иванов да ги блокира како што вели, процесите кои ја водат Македонија напред.

Премиерот вели дека ерга омнес и промена на името прифатил и претходниот премиер Груевски

- Времето најдобро го демантира Заев, врати Груевски.

„Најдобар демант за она што го говори Заев е факторот време. Тој фактор покажува дека јас и ВМРО-ДПМНЕ разговаравме за надминување на разликите околу името како што не обврзува резолуцијата на ООН, но не го променивме името и идентитетот цели 11 години.

А тој прифати и спроведува промена на името „ерга омнес“ со промена на Уставот што недвосмислено влијае на менување на идентитетот. И со многу отстапки во договорот кои никогаш не биле предмет на разговор, а камоли отстапка.

Ваков договор, со вакви елементи во него, со вакви отстапки во членовите на договорот, не сум ни можел да прифатам, бидејќи дел од прифатените работи не се ни барале од другата страна.“ – вели Груевски во својата реакција на социјалните мрежи.