Македонија
29. December 2016 - 12:08

Иванов: Новата Влада да ги заштити државните интереси и системски да ги реформира безбедносните служби

Заштитата на државните интереси на Република Македонија што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа на системот за национална безбедност треба да бидат двата клучни приоритета на новата Влада, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето Годишно обраќање.

- Овие приоритети се неопходни, пред се, поради бројните закани со кои се соочуваме и внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ влијаат врз поларизација на македонското општество. Тие можат да предизвикаат идни внатреетнички, меѓуетнички, и меѓурелигиски тензии во Македонија. Постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани со кои се соочуваме. Не само ние, туку и целиот наш регион, цела Европа. Поради ваквиот сооднос меѓу надворешните закани и внатрешните слабости неопходни се таквите системски реформи, рече претседателот Иванов.

Според шефот на државата, разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и Обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, согласно промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме.

- Веќе 15 месеци сме во прогласена кризна состојба за заканата од илегалната миграција. Таа кризна состојба ќе продолжи и понатаму. Затоа, не смееме да дозволиме по изборите политичката криза да прерасне во институционална криза, рече претседателот Иванов во годишното обраќање.