Македонија
18. August 2015 - 13:30

Иванов: Нова стратегија за одбрана за градење институции за соочување со заканите

Блокадата во НАТО се одразува на ефикасноста со која функционира нашиот систем на одбрана. Се соочуваме со закани за што е потребна поинаква комуникација и соработка меѓу службите. Затоа, новата Стратегија за одбрана ќе пропише обврски за градење на институциите за соочување со заканите. Одговорот на институциите мора да биде единствен и координиран. Одговорот мора да биде навремен и превентивен. 

Ова денеска го истакна претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов на централната свеченост што по повод 18 Август - Денот на АРМ се одржа пред зградата на Министерството за одбрана. 

Тој потсети дека како претседател и врховен командант во март 2010 година ја донесе досегашната стратегија за одбрана на Република Македонија, основен документ кој имаше важност од пет години. Во меѓувреме, како што рече, безбедносното опкружување се промени и затоа иницира нова стратегија од областа на безбедноста и одбраната.

Претседателот Иванов рече дека Армијата е само дел од институционалните капацитети на националната моќ на државите која треба да се соочи и одговори на заканите. 

Обраќајќи се пред присутните, посочи дека иако одамна Македонија  ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, предолго чека за да го заземе местото кое и припаѓа.

- Македонија е подготвена за членство во НАТО. Дали НАТО е подготвено за членството на Македонија останува да се види на Самитот во Варшава, рече Иванов, укажувајќи на фактот дека меѓународното право беше прекршено на Самит.

Тој изрази надеж дека на Самит ќе биде поправена грешката. - Ја користам оваа прилика да го повикам нашиот јужен сосед да се усогласи со пресудата на меѓународниот суд на правдата. Ги повикувам нашите партнери да ја потврдат нивната поврзаност кон меѓународното право и одговори. Но, исто така, да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност. Македонија треба што поскоро да го добие заслуженото членство во НАТО. До тогаш, мора да бидеме подготвени, истакна претседателот Иванов. 

Претседателот Иванов посочи дека примарна мисија на Армијата е одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет, унитарниот карактер на државата и заштита на населението од надворешни закани.

- Армијата на Република Македонија стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам. Дисциплината на нашата професионална армија се гради кај секој војник, кај секој старешина. Се гради со карактерот и интегритетот, со храброста и честа, со почитувањето и со чувството на должност, рече Иванов.

Дисциплината, како што нагласи, се проверува тогаш кога најмалку очекуваме. 

- Од година во година, се бориме и со природни непогоди и од човекот предизвикани катастрофи. Со брза и решителна акција, Армијата секогаш им помага на сите чинители од системите за управување со кризи и заштита и спасување. Тоа го покажаа и при неодамнешните поплави и пожари во повеќе делови од нашата држава. За тоа сме многу благодарни, рече Иванов. Додаде дека се гордее со Армијата, која е признавана и одликувана во нашата држава и надвор од неа. 

Иванов смета дека Армијата мора да има проектиран зголемен буџет и треба постојано да се надградува и модернизира. Му се заблагодари на досегашниот началник на ГШ на АРМ генерал потполковник Горанчо Котевски за неговиот ангажман со кој, како што рече, целосно ја оправда дадената доверба. Котевски продолжува да биде советник за воени прашања на претседателот. За нов началник е назначен Методија Величковски. 

Министерот за одбрана Зоран Јолевски потенцира дека за ефикасна и силна Армија важно е да има високо обучени офицери и војници.

- Покрај редовната обука и вежби во Македонија, припадниците на Армијата оваа година ќе учествуваат на 11 НАТО и регионални вежби. Голем број офицери на Армијата се на школување на високи воени школи во САД и другите НАТО земји. Почнавме со процесот на трансфорамција на Воената Академија во Универзитет за национална одбрана. Во тек се активности за отворање катедра за воено воздухопловство, која заедно со Школата за обука на пилоти на хеликоптери ќе претставува гордост не само за АРМ туку и за сите граѓани на Македонија, рече Јолевски. 

Тој информира дека при крај е процесот на селекција на прием на нови 160 професионални војници кои, како што рече, поминаа преку мошне ригорозен процес на селекција. Оваа есен ќе почне втор процес на селекција, со кој ќе бидат примени дополнителни 90 професионални војници. До крајот на годината ќе бидат примени нови 250 професионални војници. 

Министерот Јолевски соопшти дека е постигнат напредок во проектот АРМ-мој вистински дом, наменет за решавање на станбеното прашање на припадниците на АРМ. 

- Проектот за првата зграда е завршен. Во тек е ревизија и очекуваме на почетокот на есента да ја добиеме дозволата за градба, а со изградба на првата зграда да почнеме пред крајот на годинава. Паралелно со ова ќе се продолжи проектирање на останантите згради со цел сите 570 припадници на АРМ, кои искажаа интерес да можат да го решат своето станбено прашање, потенцира Јолевски. 

Армијата на Република Македонија одбележува 23 години од основањето.

На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, министри, претставници од дипломатскиот кор...