Македонија
20. April 2018 - 10:55

Иванов: На нашиот регион му е потребно партнерство во полето на безбедноста

Вистинскиот збор што му е најпотребен на нашиот регион во полето на безбедноста е партнерство. Партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што денеска се одржува во Скопје.

- Иднината на нашиот регион е во Европската Унија. А, сепак, од некои земји членки на Унијата добиваме мешани пораки за замор од проширувањето. Тој замор, меѓу другото, се должи и на перцепцијата за Балканот како периферија на Европа, како регион што е инхерентно нестабилен. Недостатокот на доверба меѓу нас е совршена шанса за влијание на трети страни врз економскиот просперитет на државите, оживување на етнонационалистички проекти и спречување на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. За да ја промениме ваквата перцепција, ние мора наместо реактивни, да бидеме проактивни. Заканите со кои се соочуваме бараат креативност, партнерство и неконвенционално размислување, рече претседателот Иванов.

Според македонскиот претседател, постојат сè повеќе нетериторијални творби и предизвици кои територијалната држава сама по себе сè потешко може да ги контролира. Според претседателот Иванов, како никогаш досега за спречување на меѓународниот тероризам, илегалната миграција, транснационалниот организиран криминал, употребата на интернетот за субверзија, хибридните закани и нелинеарната војна се потребни интероперабилност на податоците, заедничко работење и меѓусебно помагање.

- Да го искористиме овој прв состанок за да пратиме јасна порака до европските центри. А тоа е порака дека ние, државите од регионот, можеме да соработуваме во оваа област од витално значење за нашите општества и за Европа. Нашите агенции за разузнавање можат заедно да нудат креативни и прагматични решенија за безбедносните предизвици со кои се соочуваме, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател порача да не се заборави најважната лекција што ја научивме од мигрантската криза: како што најголемата слабост на регионот е поделбата, така најголемата сила е соработката.

- Да градиме партнерски односи, да разменуваме веродостојни информации, да си го чуваме грбот едни на други, бидејќи ако ние тоа сами не го правиме, никој друг нема тоа да го прави наместо нас, рече претседателот Иванов.

- Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. На континентот Европа, од безбедносен аспект, таа алка е регионот на Балканот. Колку што е цврст Балканот, толку е цврста Европската Унија, толку е цврста Европа, рече претседателот Иванов.

Состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони се одржува за прв пат на иницијатива на Република Македонија и на него се дискутира за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка. Собирот е во пресрет на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, што на 27 април ќе се одржи во Скопје.