Македонија
27. July 2016 - 17:30

Иванов на јужната граница: Нашите институции се подготвени за можен втор бран на мигранти

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, во придружба на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски денеска ги посети припадниците на АРМ ангажирани на јужната граница. Иванов посочи дека нашите безбедносни сили се подготвени за евентуален втор мигрантски бран. 

- Иако Балканската рута е затворена неколку месеци, Армијата констатира зголемен број илегални минувања на државната граница и појава на криумчарење мигранти преку нашата територија. Армијата заедно со полицијата имаат спречено 18.000 илегални преминувања, истакна претседателот Иванов.

Зачестено е и уништувањето на заштитната ограда. - Досега се забележани и евидентирани околу 700 обиди на сечење на оградата и уништување. Тоа кажува дека иако Балканската рута е затворена, сепак голем број мигранти, бегалци, економски мигранти настојуваат да ја пробијат нашата заштитна ограда и да влезат  и да го активираат овој коридор кој сега е затворен, додаде Иванов.

Мора да им се оддаде признание на сите војници и офицери, истакна претседателот, за тоа што досега успешно се справуваат со сите предизвици, но исто така мора да им се оддаде признание и на полицајците и на сите субјекти од кризниот менаџмент кои се вклучени и кои секој ден ја следат состојбата и ги информираат сите надлежни институции за состојбите со илегалната миграција.

Иванов посочи дека се потврдија сите предупредувања што ги даваше Македонија во минатото дека Балканскиот коридор на илегална миграција се користи и од лица - терористички борци.  

- Сите наши предупредувања се потврдија. Секојдневно гледаме низ Европа има акти на насилство, терористички акти и веќе речиси се ближи бројот околу 500 загинати во последно време низ Европската унија кои се предизвикани од лица кои доаѓаат од Блискиот Исток, боиштата и кои, користејќи го бранот на бегалци, кој беше минатата година и почетокот на оваа година, успеале да дојдат до земјите кои се членки на ЕУ, рече претседателот.  

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Македонија треба да го следи примерот на Србија и Бугарија и да повлече повеќе припадници безбедносни сили, претседателот Иванов рече дека засега има доволен број припадници на АРМ и на полицијата на јужната граница и тие си ја извршуваат својата работа. Настаните, посочи тој, се следат дневно и како постои потреба така и бројот на војниците се зголемува.   

- На нас ни треба во овој период Армијата да е одморена. Ако дојде евентуално вториот бран да биде подготвена, како и минатиот пат да се справи со сите тие предизвици, рече македонскиот претседател.

Се укажува, додаде Иванов, дека тој број ќе се зголемува и дека сите сме изложени на опасност од такви терористички акти.

- Како се губи територијата на ИСИЛ на боиштата во Сирија, но исто така и во Либија, голем дел од тие лица се обидуваат да се вратат од земјите од каде што отишле на боиштата или, пак, кои заедно со мигрантите стигнале на територија на ЕУ да преземат такви акции, истакна македонскиот претседател.

Имајќи предвид дека само Балканот има преку 1.000 странски борци на боиштата во Сирија, а 60 отсто од нив се вратени, според Иванов, и нашиот регион не е исклучен од можни терористички акти.

- Затоа, сево ова што го прави Армијата со поддршка на Полицијата која е тука да и даде поддршка, е од корист на сите земји кои се долж и Балканската рута, но и долж Европа како континент, рече тој.

Македонските служби и полицијата, истакна Иванов, интензивно ги следат лицата кои се повратници од боиштата.  

- Ја кажувам бројката, 86 имаме во моментот во Македонија. Дел од нив се и преку акцијата „Ќелија“ приведени, дел од нив се следат, но тоа е тешко докажлив дел, не можете да докажете ако немате докази и Полицијата и службите досега ефикасно се справуваат со тоа, но тоа се и поединечни акти на насилство. Никогаш не можете да предвидите кога ќе се случат. Досега нашите служби успешно се справуваат, рече претседателот Иванов.

Потенцираше дека и локалното население треба да знае за тие лица и треба да соработува со надлежните институции и да ги пријавуваат тие лица кои се  потенцијални можни сторители на такви терористички акти.

Во последно време интензивирана е рутата кон Италија и, како што кажа Иванов, многу бегалци од југот на Африка се пробиле преку Либија и доаѓаат до Централномедитеранската рута и одат повторно во Италија. Оваа медитеранска земја, продолжи тој, во последно време е изложена на илјадници мигранти, но како таму ќе се блокира тој бран од Африка, тие ќе настојуваат да доаѓаат до нашиот коридор.

За тоа што може да очекуваме во наредниот период, Иванов одговарајќи на новинарско прашање повтори дека нашите институции во континуитет ги следат настаните и оти се што е во наша моќ е преземено.  

- Нашите служби за разузнавање, Полицијата, Армијата ги следат сите настани и не информираат. Информирани се сите субјекти на Кризниот менаџмент, сите субјекти од страна на Центарот за управување со кризи, така што се што е во наша моќ е преземено и ние превенираме. Можеме да не бидеме скромни, другите од нас учат како да постапуваат затоа што тоа што ние го презедовме беше модел како да се соочите со овој предизвик кој ќе трае. Ова нема да застане ни оваа година ни идната, ќе бидеме на ова сведоци во текот на целиот наш живот затоа што населението од Азија, Африка е, кажав веќе, раздвижено и се стреми кон Европа, но ние сме на дел од една од тие рути и ние мора да си ја чуваме нашата територија и сами да носиме одлуки, рече Иванов.

За жал, потенцира тој, ние сме оставени само на себе и сами ги  носиме одлуките и се прилагодуваме.

- Армијата сама презема мерки, се прилагодува на секоја нова состојба, така што досега успешно го правиме, ни помагаат земјите долж рутата, се соработува со земјите што имаме од нив поддршка и помош. Но, се уште е неопходно она што ни беше ветено од ЕУ да го добиеме, односно опрема и за биометриски податоци и термални камери и сета онаа опрема што ќе го поедностави начинот на контролирање на оградата затоа што сите ресурси се наши, од нашиот буџет. Армијата троши огромни ресурси од буџетот, нашиот буџет. Армијата нема добиено никаква помош досега, така што и покрај сето она што ни се случува во државата и покрај политичката криза, ние досега покажавме како успешно се справува една земја со овој предизвик, истакна претседателот Иванов.