Македонија
25. јуни 2016 - 10:47

Иванов на ифтарска вечера во Маврово – Ростуше

Да ги следиме традициите од нашите претци кои не научиле на соживот и да си помагаме меѓусебе, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на ифтарската вечера во општина Маврово – Ростуше што, по повод светиот муслимански месец Рамазан, се одржа синоќа во село Јанче.

- Посакувам периодот на пост, на самооткажување на сите да ви носи среќа и радост во вашиот живот, да имате радост во семејствата, да имате добрини меѓу вашите соседи, меѓу вашите блиски, рече претседателот Иванов во поздравниот говор на ифтарската вечера. 

Ме радува, додаде, што повторно сум во овој крај, во кој кога природата давала не штедела, дала толку многу убавини, дала толку прекрасни предели, толку убава природа и луѓе, кои иако се од различни вери, меѓусебе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата која ни ја оставиле претците.  Има различни религии, но една вера - вера во Бога.

На ифтарската вечера, покрај претседателот Иванов, присуствуваа и министерот за здравство Никола Тодоров, претседателот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, градоначалникот на општина Маврово – Ростуше Мукрем Мехмеди, претставници на верски заедници, како и други гости од општествено-политичкиот живот во земјава.