Македонија
18. February 2016 - 12:40

Иванов: Македонија не може да биде надворешна граница на ЕУ

Стегнување на протокот на бегалците, но не и затворање на западно-балканската миграциска рута е договорено на синоќешната работна вечера во зградата на Европскиот совет во Брисел, каде домаќин беше претседателот на Евросоветот Доналд Туск и првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
 
На средбата присуствуваа и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, неговиот српски колега Томислав Николиќ, премиерите на Словенија и Хрватска, Миро Церар и Тихомир Орешковиќ, како и претседавачот со Советот на Европската унија, Берт Кундерс, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, токму предлогот на Република Македонија од Самитот за бегалците на ЕУ во октомври 2015 година, сега е работна верзија на европските лидери за справување со овој проблем, што е на маса и на денешниот Самит на Европскиот совет во европската престолнина. Според македонскиот претседател Иванов, Македонија е поканувана на вакви самити и собири „затоа што има конзистентен став“.
 
- Тоа што досега сме го изнесувале, тоа и го спроведуваме, со тоа што сите наши превземени мерки и активности се во единствениот европски план за справување со бегалската криза. Сите наши позиции што беа изнесени на Вишеградската група ги повторив синоќа на оваа средба на која беа претседателите на Европскиот совет, на Европската комисија, претседавачот со Унијата и земјите што сме долж коридорот - посочува претседателот Иванов во изјава за МИА.
 
Хрватскиот премиер Орешковиќ, синоќа изјави дека е договорено „стегање, а не и затворање на границите долж западно-балканската миграциска рута“. Но, и покрај тоа, австрискиот канцелар Волтер Фајман денеска повтори дека австриската намера е целосно да ги затвори своите граници, што во тој случај значи поставување на европска граница од бегалскиот наплив на македонска територија кон Грција.
 
Според претседателот Ѓорге Иванов, македонскиот став е јасен дека Македонија не може да биде надворешна граница на Европската унија.
 
- Не можеме ние да ги замениме сите оние мерки и активности што треба самата Унија да ги прави на својата надворешна граница. Но, во земјата спроведуваме се што е во состав на севкупното европско решение. Причината е што ова не е само предизвик за ЕУ, туку и за Европа како континент, а ние како Македонија, кои сме на европскиот континент, придонесуваме за справување со овој предизвик. Препознаена е таа наша конзистентност во ставовите, како и нашата конструктивност, па затоа со внимание беа слушани сите предлози што ги дававме, вели Иванов за МИА.
 
Според првиот човек на Република Македонија, неговите предлози имале можност да ги видат на дело и претставници на претседавачот со ЕУ, бидејќи министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Кундерс беше на лице место и ја виде состојбата на граничниот премин на македонско-грчката граница, т.н. кота 59, што е илегален премин.
 
- Оттаму и доаѓа илегалната миграција, потенцира претседателот Иванов.
 
Македонскиот претседател е дециден дека планот на Македонија е сите мерки и активности што се превземаат да доведат до тоа „во еден момент илегалната миграција да стане легална миграција и да дојде на легалните премини каде ќе ги помине сите контроли и мерки“.
 
- Тоа е пред се за безбедносните ризици со кои се соочува Европа во последно време, а со кои ќе се соочува и во иднина токму од предизвиците на безбедносниот карактер на кризата, бидејќи имаме многу бегалци што не ги поминале безбедносните проверки и сите оние работи што мора да ги прави секој оној што преминува на легален премин во државата, дециден е Иванов.
 
Она што е дефинитивно разјаснето на синоќешниот мини-Самит на земјите долж западно-балканската миграциска рута е забуната дека Македонија има намера да затвори легален граничен премин кон Грција, што според претедателот нема никогаш да се случи. Имено, се работи за нелегалниот премин на граничната кота 59.
 
- Да. Постои неинформираност за реалната состојба, па затоа и министерот за надворешни работи на Холандија, Кундерс го подвлече синоќа тоа на состанокот. Станува збор за нелегален премин каде доаѓа илегалната миграција. Македонија никогаш не ни размислувала, ниту имала план да ги затвора своите легални премини. Затоа, настојуваме и баравме уште во октомври на тој илегален премин да се има целата опрема и се што е потребно за евидентирање и регулирање на протокот на мигранти. Токму затоа баравме и опрема за биометриски податоци, пристап до Фронтекс-базите и пристап до базите со податоци на Шенген. За да можат податоците да ги користат сите членки на Унијата, појаснува претседателот Иванов.
 
Македонскиот претседател во изјава за МИА по состаноците во Брисел ги појасни и шпекулациите дека Македонија е под притисок да прими поголем број на бегалци, околу 10-20 илјади лица, на подолг престој во Македонија, односно да стане паркинг-место за бегалци на Балканот.
 
- Очигледно станува збор за неинформираност. Во октомври минатата година, Македонија го затвори тоа прашање кога секоја земја требаше да ги пријави сопствените капацитети за да згрижи бегалци. Ние кажавме дека Македонија има капацитет за само 2.000 лица што транзитно ќе може да поминат низ државата. Значи, додека транзитираат, околу 2.000 лица можеме во кус временски период да ги згрижиме. Другите земји што пријавија свои капацитети, сега се очекува од нив тоа и да го исполнат. Ние опстојуваме на нашиот став што сме го завземале во октомври и на тоа остануваме, дециден е Иванов.
 
На крај, претседателот Ѓорге Иванов ја пренесе и пораката што е дискутирана и на највисоко ниво во Брисел, а тоа е дали и како актуелната политичка криза влијаела на капацитетот на Македонија во справувањето со мигрантската криза и желбата таа час поскоро да заврши со цел земјата да може со целосен капацитет да му се посвети на овој проблем што го мачи европскиот континент.
 
- Политичките лидери во Македонија превземаа одговорност за справување со политичката криза, ги ставија своите потписи на документот што мора тие да го реализираат. Секое одлагање влијае и на нашето справување со предизвиците што не очекуваат. Нам ни е неопходно да се почитува договорот и датумите во тој договор за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со овие пред се безбедносни ризици. Неопходни ни се институциите да функционираат, бидејќи во меѓувреме доаѓа и менување на законите. Нашиот пример што ние го направивме врз основа на нашиот кризен менаџмент со што ја однесовме армијата на границата сега го применуваат и другите земји во Европската унија. Но, за тоа се неопходни законски измени. Ние мора да имаме конституиран парламент што ќе ги врши измените во законската регулатива  за да е прилагодуваме на предизвиците што не очекуваат, порачува Иванов.
 
По синоќешниот мини-Самит во Брисел и куси неформални средби со дел од лидерите на земјите-членки на ЕУ и на институциите на Унијата, македонскиот претседател претпладнево ја напушти европската престолнина.