Македонија
2. August 2015 - 13:53

Иванов: Македонија денес одново се наоѓа пред голема пресвртница

Македонија денес одново се наоѓа пред нова пресвртница, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето на централното чествување на „Денот на Републиката - 2 Август“ на Мечкин Камен во Крушево.

Нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени, посочи Иванов, е повикот за единство за остварување повисока цел. 

- За илинденците, таа повисока цел била слободата. За асномците, тоа била државноста. За нас, тоа беше независноста и сувереноста. А за нашите деца, за младите, тоа е напредокот и благосостојбата на европска Република Македонија.  Но, денес се однесуваме како да ја заборавивме лекцијата што толку скапо нè чинеше. Како да заборавивме дека, сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети, рече претседателот Иванов.

Потенцирајќи дека денес Македонија одново се наоѓа пред голема пресвртница подвлече дека иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сè уште е политички длабоко поделена.

Разединетоста, оцени, е последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции. Долгогодишната блокада доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. И со секоја криза, сè повеќе се доведуваше во прашање остварувањето на повисоките цели.

- Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската унија. Над 80 проценти од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно тие значат мир, рече претседателот Иванов.

Тој укажа дека македонските граѓани од своите избрани претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија. Потенцира дека поради предолгото отсуство на политички дијалог постоеше сериозна опасност да ја испуштиме од рака европската перспектива. Благодарни сме  на ангажманот на нашите пријатели од Европската унија и САД. Нивните препораки мора да се сфатат сериозно, нагласи Иванов.

Го поздрави и повика да се испочитува постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии, констатирајќи дека е тажно, „што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас“.  - Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста. Политичката криза нè потсети на нашите стратегиски цели. Но, не потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно, оцени Иванов.

Оваа криза, според него, е истовремено и можност, и за нас, и за Европската унија и за НАТО.   

- Се покажа дека блокадите не ја разрешуваат, туку само ја влошуваат политичката и безбедносната состојба во Македонија. Крајно време е Унијата да ни даде датум за почеток на преговори за членство, а прашањето за името да го остави како 35. поглавје во преговорите. Крајно време е НАТО да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ни ја врачи одамна заслужената покана за членство, рече Иванов. 

Упатувајќи порака до нашите соседи, посочи дека пред секој самит на Европската унија и НАТО, нашиот јужен сосед прави сè за да нè блокира и оти пред секој Илинден соседна Бугарија бара заедничко славење на минатото.  

- Се радуваме на успесите на нашите соседи, бидејќи тоа се и успеси на регионот. Со нетрпение го чекам денот кога заедно со бугарскиот претседател ќе прославиме врвен успех на заеднички проект на нашите научници, уметници, стопанственици... Лесно е да се најдат причини за кавги ако започнеме дополнително да го заплеткуваме и онака замрсениот јазол на заедничката балканска историја, ако започнеме да ги отвораме старите рани. Но, тоа е најлошата можна политика на сеење страв, заблуди и предрасуди, рече Иванов. 

Крајно време е, додаде, ние како претседатели да бидеме мост на поврзување на најкреативните и најиновативните умови од нашите две земји. Само така ќе работиме за подобра иднина на нашите држави и на нашите народи. 

- Земјите од нашиот регион не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината на граѓаните, порача претседателот Иванов.

Осврнувајќи се на последиците од блокадите Иванов рече дека македонските граѓани сакаат да работат и да заработуваат пристојна плата. Поради тоа, како што рече, како држава вложивме многу време и енергија за привлекување странски инвеститори кои ќе отвораат фабрики и нови работни места за граѓаните.

- Сепак, поради нарушениот углед на државата, постоеше опасност инвестициите да запрат, и економскиот раст да опадне. Политичката битка меѓу партиите не смее да ѝ наштети на економијата, бидејќи од неа зависат платите, пензиите, субвенциите, стипендиите..., рече Иванов во обраќањето.