Македонија
14. February 2016 - 18:30

Иванов ќе учествува на Самитот на земјите од Вишеградската група

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов утре ќе престојува во работна посета на Чешката Република, по повод учеството на вонредниот Самит на земјите од Вишеградската група (В4), што ќе се одржи во Прага, соопшти Кабинетот на Претседателот.

На самитот, покрај претседателот Иванов, ќе учествуваат премиерите на земјите-членки на Вишеградската група, на Чешката Република, Бохуслав Соботка, на Полска, Беата Шидло, на Унгарија, Виктор Орбан, на Словачката Република Роберт Фицо, а предвидено е и учество на премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Претседателот Иванов ќе се обрати на пленарната сесија на самитот и ќе присуствува на работната вечера на учесниците на самитот. Централни теми на вонредниот самит на земјите од Вишеградската група се предизвиците од мигрантската и бегалската криза и начините за справување со нив.

За време на посетата на Чешката Република, претседателот Иванов ќе оствари средби со чешкиот претседател,  Милош Земан и со чешкиот премиер, Бохуслав Соботка.