Македонија
25. August 2016 - 10:30

Иванов ги додели сертификатите на учесниците на седмата Школа за млади лидери

Претседателот на државата Ѓорге Иванов ги додели сертификатите на учесниците на седмата Школа за млади лидери што се одржа во Охрид.

Претседателот Иванов на учесниците синоќа им порача дека никој не може да ги спречи да се воздигнуваат и да бидат подобри, поуспешни и поквалитетни.

- Секој од вас треба својот дом, своето семејство и својата држава да ги гради во височина. Ако се воздигнувате кон височината, никој нема да може да ви постави граници и лимити, порача Иванов.

На доделувањето на сертификатите за учество на оваа интензивна лидерска обука, македонскиот претседател посочи дека оваа Школа која првпат беше организирана во 2010 година.

- Преку овие предавачи на Школата за млади лидери, сите нивни искуства, сите нивни знаења и вештини, но и  лични приказни, сакаме да ви ги пренесеме вам. Тие имаа само пофални зборови за вас учесниците. Среќни сме што во изминативе седум години, речиси 300 млади луѓе од Македонија, од нашата дијаспора и од странски држави, стекнаа искуства, знаења и се запознава меѓу себе, рече Иванов.

Изрази надеж дека пријателството стекнато на оваа обука,  ќе продолжи и преку Иванов Школата за Лидери - Алумни Асоцијацијата, каде што секој од учесниците може активно да се вклучи и да даде свој придонес.

- По завршувањето на оваа Школа, можете да се вклучите во иницијативи кои се хумани, кои се позитивни. Можете да иницирате каква било идеја или предлог, како што вашите бивши колеги своите идеи ги пренесоа во Алумни Асоцијацијата, а дел од нив и успешно ги остварија започнувајќи свои старт-апови, бизниси, школи и слично, изјави Иванов.

Претседателот Иванов уште им порача на учесниците секогаш да се стремат кон нешто што ќе ги исполнува.

- Бидете добри луѓе, добри родители и добри граѓани. Ширете ги вистината и позитивните идеи. Вие сте на некој начин првата генерација која ги користи новите технологии да може да комуницира со кој било, на кое било место на планетата,  во реално време.  Затоа овие придобивки користете ги разумно, рече македонскиот претседател.

На годинашната школа учествуваа 45 млади лидери, кои имаа можност да чујат искуства, знаења и видувања за лидерството на вкупно 28 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европската унија, САД, Австралија и Египет.

Меѓу предавачите на седмата по ред Школа за млади лидери се поранешните претседатели на Латвија и на Бугарија Ваира Вике-Фреиберга и Петар Стојанов, градоначалникот на Солун Јанис Бутарис, директорот на Евроконтрол Франк Бренер, истражувач на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија Ѓорѓија Петкоски, претседавачот на Извршниот комитет на Трилатералната комисија на Република Србија Јован Ковачиќ, како и еден од водечките светски бизнис предвидувачи и експерт за менаџмент и лидерство Дејвид Голдсмит.

Во изминатите шест години на школата учествуваа над 140 предавачи меѓу кои генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, поранешните претседатели на Република Бугарија и на Република Албанија Георги Прванов и Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија Франко Фратини, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Идејата на претседателот Иванов е преку одржувањето на школата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградат и усовршат своите вештини, да ја развијат својата креативност и лидерски способности.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.